СО КОНЦЕРТ НА МАКЕДОНСКИ ЕВЕРГРИНИ ПОЧНУВА „КАРПОШОВО КУЛТУРНО ЛЕТО“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва (19 август) од 20 часот на плоштадот „Делфина“ во скопската населба Влае од 20 часот, ќе се одржи концерт со македонски музички евергрини на кој ќе пеат Андријана Јаневска, Џон Илија Апелгрин, Ана Петановска, Светлана Јовановска и Драган Мијалковски (фото). Ќе ги придружува Националниот џез оркестар и гудачки оркестар, а концертот е насловен „Македонски музички времеполов-незаборавни евергрини“, најави радио „Буба мара“.

Концертот ќе се одржи за отворањето на „Карпошово културно лето 2024“, кое ќе трае до 27 август.

На 20 август од 20 часот, на истиот плоштад концерт ќе одржи Филип Шурбевски со „Егзија квартет“ кои ќе свират чалгиска музика. Од 21.15 часот настапува Кристијан Проданов, а од 21.30 бендот „Вертиго“.

На 21 август од 20 часот на плоштадот „Дефина“, изложба со наслов „Карпошово лето во бои“ ќе одржат Елена Галика и Жане Шумковска. Од 20.30 часот концерт ќе одржи „Силви бенд“.

На 22 август од 20 часот ќе се одржи мјузиклот за деца и младинци „Приказната за генијалната Матилда“ на КРЕО-АКСИС на истиот плоштад, а од 21.15 концерт ќе одржи Кокан Димушевски.

На 24 и на 25 август во дворот на Кинотеката на Македонија од 10 до 19 часот е најавено сликање на уметнички дела на настанот со наслов „Ликовните творци со љубов за Карпош- Мирисот на летото“, кое го организира Здружението на ликовни педагози.

На 26 август на плоштадот „Делфина“ од 20 часот концерт ќе одржи Јасмин Алиевски, а од 21.15 женскиот аматерски хор „Фрида од Македонија“ кој го основа Сузана Турунџиева. Концертот на хорот е со наслов „Вечер на безвременска музика“.

На 27 август од 12 часот во галерискиот простор на Кинотеката на Македонија ќе се одржи изложба на сликите од проектот  „Ликовните творци со љубов за Карпош- Мирисот на летото“. Истиот ден, од 20 часот на плоштадот „Делфина“, концерт ќе одржи трио „Џентлмен“. Манифестацијата завршува со концерт на „Леб и сол“ од 21.30 на истиот плоштад.