СО МАКЕДОНСКА ПРЕРАБОТКА НА „БЕЛА ЧАО“, БУГАРСКИОТ ПРЕМИЕР БОРИСОВ Ѝ ПРАЌА ПОДДРШКА НА МАКЕДОНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Александар Митевски и Драган Спасов-Дац добија инстант хит со својата карантинска преработка на „Бела чао“, а нејзината популарност се прошири и во Бугарија.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов објави видео на Фејсбук како ја слуша песната „Корона чао“ додека се вози во автомобил и притоа ѝ порачува на Северна Македонија дека може да смета на поддршка од Бугарија.

„Само со заеднички труд, дух и дисциплина можеме да го победиме коронавирусот. Само со почитување на правилата ќе се вратиме во нормалниот живот. Им благодарам на Дац и Александар. Северна Македонија може да смета на наша поддршка“, напиша Борисов под видеото.

Митевски и Дац ја снимија песната „Корона чао“ заедно со групата „Брастет Скопје“ и спотот само за еден ден собра речиси 400.000 прегледи на Јутјуб.

„Песната е направена за еден ден, од идеја до реализација, со многу љубов и за добра забава. Спотот е снимен со телефон во карантин, во домашни услови на учесниците, без користење на професионални камери и светла“, велат Дац и Митевски.