МНОГУПАТИ СУМ БИЛ ВО ОХРИД И СЕГА КОНЕЧНО СЕ ЗАПОЗНАВ СО НЕГОВАТА ИСТОРИЈА, ВЕЛИ СТЕФАН МИЛЕНКОВИЌ ПРЕД НАСТАПОТ НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Виолинистот со светска кариера и миленик на македонската публика Стефан Миленковиќ вечерва ќе одржи концерт на Охридско лето, заедно со пијанистот Владимир Милошевиќ.

Миленковиќ вели дека на концертот ќе има од сѐ по малку.

„Ќе почнеме со Бетовеновата Соната број 1, неговата прва соната со многу енергија. Потоа ќе има еден балет, ‘Бакнежот на самовилата‘ од Игор Стравински. Од него е направена свита во кусо издание од 20-ина минути. Во вториот дел започнуваме со македонска премиера – дела на италијанскиот композитор Никола Кампогранде. Потоа следува делото ‘Легенда‘ од полскиот композитор Хенрик Виењавски и за крај ќе отсвириме валц-скерцо од Чајковски“, најавува 42-годишниот виолинист.

Концертот е во „Света Софија“ во 21 часот.

„Многупати сум бил во Охрид, но за концерти. Никогаш не сум имал прилика да прошетам и да ги слушнам овие факти за 365-те цркви во градот, првиот карантин во Европа, најстариот музеј и универзитет пред Болоња, за светите Климент и Наум. Среќен сум што оваа прилика ми ја овозможија сега од фестивалот“, изјави Миленковиќ при прошетката низ Охрид.

Фестивалот оваа година првпат воведе туристички водич за уметниците. Целта е врвните светски музичари и актери да ја слушнат приказната за древниот Охрид и оттука да понесат незаборавни спомени.

Д. ЧУБРИЌ