Во денот кога Македонија беше преокупирана со ракомет, во вечерта кога на централниот плоштад во Скопје се славеше нова европска титула на Вардар, некој би помислил дека сè друго би можело да биде засенето. Не и Стинг.
Со кариера долга повеќе од четири децении и со два часа хитовски материјал, Стинг е вистинска музичка институција. Ова беше висока продукција, но не и визуелен спектакл, Стинг дојде да свири и ги испорачуваше своите познати мелодии една по друга без многу губење време, само што во еден момент се пожали дека малку му студи.
Скопје беше третата станица на неговата турнеја „Мои песни“, базирана на истоимениот албум, на којшто ги преработи своите најголеми хитови во посовремена верзија, па, на општо задоволство, во репертоарот беа вклучени и најпрепознатливите песни на „Полис“.
Ова беше прв концерт што „Авалон продукција“ го организираше на стадион и за македонски услови, тоа секогаш е преголем залак. Стинг не го наполни стадионот „Тоше Проески“, и тоа, веројатно, не беше ни реално да се очекува, но и во таква една млака атмосфера, тој успеа да го потврди мислењето за него како врвен музичар, професионалец и господин.
Г. КОНЕВ