СВИТ МАРТА И ТОНИ ХОЛИДЕЈ ПОКАЖАА ДЕКА КОТОН БЛУЗ ФЕСТИВАЛ РАСТЕ ВО КВАЛИТЕТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Два извонредни вокала и истовремено виртуоза на усна хармоника донесе можеби најквалитетната вечер во тригодишната историја на Котон блуз фестивал, чие годинашно издание беше заокружено вчера.

Со нов формат и ново место на одржување, Котон блуз фестивал не покажува тенденција да се шири, туку неговиот фокус остануваат искрените љубители на музиката и особено на блузот. Откако лани измрзнавме во дворот на Кинотеката (иако беше септември), тамошната киносала се покажа соодветен простор за да се долови амбиентот на фестивал од ваков тип.

По домашната вечер во јуни, синоќа публиката уште како се забавуваше со тандемот Марта Суње/Џони Биг Стоун од Шпанија и Тони Холидеј, кој пристигна директно од „лулката на блузот“, Мемфис.

Во акустична верзија со својот животен и музички партнер Џони Биг Стоун, Свит Марта апсолутно го оправда своето уметничко име со шармот и нежниот блуз вокал, дополнети со врвните соло делници на усна хармоника.

Наспроти неа, Холидеј распали во „олд скул“ блузерски стил. Малку пеење, малку усна хармоника и беше возбудливо да се види како тоа го прават Американци. Неговиот бенд го сочинуваа домашни музичари и звучеа уиграно небаре цел живот свират заедно, а, всушност, имале само една кратка заедничка проба.

Сè на сè, Котон блуз фестивал остана верен на својот концепт, додека порасна во квалитет.

Г. КОНЕВ