ТЕХНО СО ФИЛХАРМОНИЈА, ПА ТЕХНО НА ПЛАЖА ВЕЧЕРВА ВО ОХРИД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Две легенди на техно музиката вечерва ќе настапат во Охрид, но во сосема различен амбиент.

Хуан Аткинс, кој се смета за еден од создавачите на техното, ќе биде дел од спектакуларниот настан во Античкиот театар (22 часот), каде што неговите композиции ќе бидат изведени во едно ново, поинакво и оригинално издание, во соработка со оркестарот на Македонската филхармонија.

Тоа ќе се одвива под палката на Џијан Емин, кој беше задолжен да ги преработи и обработи композициите на Аткинс, четири години откако ова за првпат беше направено во Македонија, но со Дерик Меј, исто така во организација на „Излет мјузик“.

Вечерта ќе продолжи на плажата Парк, кадешто ќе може да се чуе техно во неговиот изворен звук. Главната ѕвезда ќе биде 55-годишниот Џеф Милс, уште едно легендарно име на техно-сцената од Детроит.