Калвин Харис шеста година по ред е најплатениот диџеј на светот, објави магазинот „Форбс“, предводејќи ја листата на која се наоѓаат и имиња како Дејвид Гета, Тиесто и Мартин Гарикс.

Триесет и четиригодишниот шкотски музичар и продуцент заработил 48 милиони долари во изминатите 12 месеци, само половина милион помалку од лани. Тој наплатува стотици илјади долари за своите настапи во Лас Вегас, а кога е главна ѕвезда на фестивалите, сумата е седумцифрена.

Но, освен како диџеј, Харис е и голем творец на хитови и редовно се наоѓа на врвот на топ-листите. Тој го има и веројатно најголемиот летен хит за оваа година, „Еден бакнеж“, на кој пее Дуа Липа и кој помина осум недели по ред на првото место на британската топ-листа.

На второто место со мало заостанување се наоѓа американското дуо „Чеинсмоукрс“, со заработка од 45,5 милиони долари, па следува холандскиот ветеран Тиесто со 33 милиони.

Во врвот на листата се и имиња кои оваа година можевме да ги видиме и во Македонија, како Аксвел и Ингросо (11. место) и Димитри Вегас и Лајк Мајк (14. место), кои вчера настапија во Охрид.

Топ-10 на „Форбс“

  • Калвин Харис – 48 милиони долари
  • Чеинсмоукрс – 45,5
  • Тиесто – 33
  • Стив Аоки – 28
  • Маршмело – 23
  • Зед – 22
  • Дипло – 20
  • Дејвид Гета – 15
  • Каскад – 13,5
  • Мартин Гарикс – 13