Јубилејот 50 години диско живот во Македонија ќе биде одбележан на претстојната голема ретрозабава „Засекогаш млад“, што во организација на Милорад Цаиќ-Цајо ќе се одржи в петок во ВИП арената „Борис Трајковски“, со почеток во 21 часот.

Преземајќи го името на настанот од големиот хит на германската група „Алфавил“, Цајо останува доследен на својата животна филозофија.

„Името на оваа песна ме асоцира на она што секој човек го посакува: додека во срцето се чувствуваме млади, никогаш нема да остариме. Да ги заборавиме годините, да останеме вечно млади и в петок да се журкаме на најголемите хитови од 1970-ите, 1980-ите и 1990-ите години“, порача Цаиќ.

Јубилејот се однесува на отворањето на првата дискотека во Скопје, „Технометал“, во 1969 година. Цајо не ги вклучи диџеите од тоа време во својата музичка програма, но затоа не ги изостави првите дами на ретрозабавите, Вера Јанковиќ и диџеј Цена. Покрај нив ќе настапат и диџеј Баџо, Ерик Фокс, диџеј Струја, Бабура Јуниор и диџеј Дајнамајт.

Г. КОНЕВ