ВИОЛИНИСТКАТА ПЛАМЕНКА ТРАЈКОВСКА НАПРАВИ ПРЕРАБОТКА НА „ОДА НА РАДОСТА“, ЌЕ ЈА ПРОМОВИРА НА ДЕНОТ НА ЕВРОПА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Виолинистката Пламенка Трајковска го објави синглот „Ода на радоста“, што ќе се промовира на 9 мај, Денот на Европа. Станува збор за класичен кросовер на гудачки инструменти и електронска музика на познатата тема од Деветтата симфонија од Лудвиг ван Бетовен.

„Темата е химна на Европа и затоа премиерата е закажана на Денот на Европа, на 9 мај“, вели Трајковска.

Фото: К. Калошев

Композицијата е снимана во музичкото студио „Кларион“. Миксот и мастерингот ги направи тон мајсторот Дејан Ангелевски. Онлајн дистрибутер е „Ес-Ди бејби“ од Портланд, еден од трите партнери на „Епл мјузик“. Песната ќе биде достапна преку сите онлајн музички мрежи.

Видеото го снимаше Дејан Марковски во студио на почетокот на април. Во спотот, покрај Трајковска, гудачкиот квартет го сочинуваат и Сандра Крстевска на виолина, Милена Гиевска-Андоновска на виола и Александра Јаневска на виолончело.

Пламенка Трајковска има одржано концерти во Македонија, Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција, Танзанија и Турција. Редовно работи во Филхармонијата и со организацијата „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“.