ВО ПУСТИНА ИМАШ ЧУВСТВО КАКО ДА СИ НА ДРУГА ПЛАНЕТА, ВЕЛИ ОГНЕН ЗАФИРОВСКИ-ЈУДИШТИРА ПО НАСТАПОТ НА ТРАНС ФЕСТИВАЛ ВО НАМИБИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Низ долги години настапување како диџеј, Огнен Зафировски имал можност да посети разни егзотични локации во светот, но вели дека ретко која го оставила во толкаво воодушевување како пустината Калахари во Африка. Зафировски, кој настапува и издава музика под името Јудиштира, минатиот месец беше дел од транс фестивалот „Фрактал“ во Намибија, каде што подиумот беше покриен со пустински песок.

Македонските диџеи Кала и Јудиштира настапија на вечер посветена на нивната издавачка куќа „Форестделик“

Фестивалот беше во камп во Спицкоп во Намибија, на самиот раб од огромната пустина Калахари, која ги зафаќа и Боцвана и дел од Јужна Африка. Најинтересен момент е што ден пред да одиме го гледав ‘Дина 2‘ и излезе дека неколку сцени од филмот се снимани токму во близина на таа локација. Мислам дека таму е единственото место каде што пустината директно се спојува со океанот. За наизглед толку далечна дестинација стигнавме многу лесно, од Франкфурт до Виндхук, па оттаму едно добро возење до кампот низ пејзажи што прават да се чувствуваш како да си во документарец на ‘Нешнал џиографик‘“, вели Зафировски.

Ноќното небо над Калахари (Фото: Susanne Rubbert)

Временските услови во пустина се многу специфични, но најмалку очекувале дожд.

Пустината е многу топла преку ден и студена до многу студена навечер, но ноќите сега беа доста убави. Една ноќ заврна дожд, ни рекоа дека тоа е многу ретка појава“, вели популарниот Оги.

Настапувајќи во еден таков вонземски амбиент, Зафировски вели дека имал чувство како повторно да ја открива музиката.

Психоделичен транс во пустина е нешто што не се опишува со зборови, вели Зафировски

Во пустина има еден многу интересен момент што ти прави да се чувствуваш дека си на друга планета. Научени сме на толку гужва и вознемирување околу нас, постојано сме опколени со звуци и предмети и одеднаш се наоѓаш во тотална празнина и тишина. Го слушаш само ветерот и понекогаш песокот. Кога почна музиката да свири, целиот простор веднаш доби некоја друга димензија, а и самата музика. Психоделичен транс во пустина е нешто што не се опишува со зборови, се чувствував како повторно да го откривам или барем во оваа димензија. Дефинитивно, од сите места каде што сум настапувал ова беше едно од најегзотичните. Фестивалот не беше голем, но би можел да прерасне во нешто поголемо“.

Фестивалот се одржа во камп во Спицкоп, на самиот раб од огромната пустина Калахари

Зафировски е еден од пионерите на домашната и на регионалната транс сцена, на која е присутен и активен од нејзините почетоци во втората половина на 1990-тите. Денес е дел од „Форестделик рекордс“, за кој издава и прави мастеринг за целиот лејбл.

Имаше вечер резервирана за артисти само од нашиот лејбл, на која настапија и Кала, Ентхил, Фантазма и Телиос. На овој пат дојде и мојот брат Петар, кој е седум години постар од мене и ми беше голема инспирација за музика во моето детство. Тој со години имаше желба да оди токму во Намибија“, кажа Зафировски.

Г. КОНЕВ

Фото: приватна архива