Вечерва (30 јуни) од 19 часот, во Музејот на македонската борба во Скопје ќе се одржи гала оперски концерт во рамките на проектот „Жените во музичката уметност низ вековите“. Настапуваат сопранистките Магдалена Алексовска (фото) и Тина Ристеска, мецосопранот Даница Станојоска, Ивона Давидовска на контрабас и Наташа Калајџиева-Здравева на пијано. Уметнички соработник е Милан Јанкулоски. Влезот за публиката е слободен.
„Концертите имаат за цел да ги истакнат значењето на жените во музичката уметност и нивните творечки придонес, интерпретативна моќ и културно присуство низ различни историски периоди. Преку избрана концертна програма, публиката ќе има можност да проследи дела и изведби што ја отвораат темата за улогата на жената во класичната музика и оперската уметност“, велат организаторите.
Активноста е поддржана во рамките на проектот „Култура за развој“ на владата на Швајцарија.