НЕ РЕЦИТИРАМЕ, ДЛАБОКО НАВЛЕГОВМЕ ВО БОГАТСТВОТО НА МАКЕДОНСКАТА ПОЕЗИЈА И МУЗИКА, ВЕЛИ ОЛИВЕР МИТКОВСКИ ПРЕД УТРЕШНАТА ИЗВЕДБА НА „ПОЕТРОНИКА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поетско-музичкиот проект „Поетроника“ на двајцата современи уметници Оливер Митковски и Андреја Салпе, по премиерата изминатава пролет, утре (20 часот) по вторпат ќе се изведе на малата сцена во Македонскиот народен театар (МНТ).

„Во низата музичко-поетски делници, Салпе и Митковски успеваат да реактуелизираат дел од македонските поетски великани, меѓу кои Ацо Караманов, Гого Ивановски, Славко Јаневски и Игор Исаковски. Понатаму, ‘Необичниот живот на Наташа Целакоска’ е необична, интересна и речиси непозната песна од Горан Петревски (професор по монетарна политика на Економски факултет), која токму поради ингениозниот контекст звучи како вистинско мало ремек-дело. Здравиот контекст на ‘Поетроника’ открива нови аспекти на стиховите од авторите Владимир Лукаш, Оливера Ќорвезироска и Ѓоко Здравески, кои припаѓаат на актуелната генерација, а прекрасно успева да блесне и ‘Осаменост’ на подзаборавената и трагично почината поетеса Радмила Трифуновска“, велат од МНТ

Салпе и Митковски. (Фото: МНТ)

За тоа колку е важно за младата публика да дојде во театар и да го погледне проекот, актерот и музичар Митковски вели дека се убедени дека „Поетроника“ е дело кое може да комуницира со публиката на повеќе нивоа. Од една страна, музичкиот аспект е ултрамодерен, а од друга, изборот на поезијата и нејзината интерпретација се суштински и без баналности, што многу често знаат да ја придружуваат.

„Така, ваквиот свеж пристап фрла едно сосема ново и автентично светло врз оваа симбиоза од навидум два различни начина на изразување. Изборот на поезијата е строго селективен и е во контекст со извонредно суптилни, модерни звуци или попрецизно, музиката е во тотална кохезија со поезијата, која пак не претставува само обично редење на зборови, туку поседува подлабока мисла и опфаќа богатство од различни контексти“, ни изјави Митковски.

Тој продолжува дека овој проект е извонредно интимен и важен за обајцата.

„Создаден е повеќе како потреба, а не како презентација или како амбиција, а најмалку како попување. Едноставно, искрен е и длабоко емотивен. Изборот е сведен на македонски поети од сите генерации, а во музиката може на моменти да се насети и етно-мелосот, но еволуиран и претворен во сублимат од различни жанрови, кои создаваат сосема нов и уникатен звук. Ако ги дестилираме овие факти од целиот овој разговор, тогаш е веројатно јасно зошто сметаме дека ‘Поетроника’ е важна и во лингвистичка и во музичка и во идентитетска смисла“, додава глумецот.

Проектот ќе биде издаден за дискографската куќа „ПМГ Џез“.

Б. НЕСТОРОСКА / Фото: МНТ