СО ДИГИТАЛНА ИЗЛОЖБА, ВЕЛЕШКИОТ ТЕАТАРСКИ ХРОНИЧАР ДАНЧО СТЕФКОВ ПРОСЛАВИ 30 ГОДИНИ РАБОТА

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Театарскиот хроничар од Велес, Данчо Стефков, со дигиталната изложба „Мемоар“ во фоајето на Велешкиот театар одбележа 30 години работа во и со театарот. Го најави директорот Сашо Димовски како дел од содржините на Фестивалот на античка драма „Стоби 2023“. 

„Изложбата ‘Мемоар’ е сеќавање и навраќање на фестивалот од неговите почетоци. Сеќавањата се спомени, мемоарите се лични спомени, кои во одреден миг ја надминуваат сферата на личното и стануваат дел од колективната меморија. Изложбата покажува колку и што треба да се случи за еден фестивал да се одржи и постои“, кажа Димоски. 

Изложбата „Мемоар“ е навраќање на фестивалот на античка драма „Стоби“ од неговите почетоци. (Фото: П. Печков)

Стефков се потсети дека сѐ започнало во 1993 со претставата „Антигона“, кога Велешкиот театар почнал со играње претстави на антички текст на локалитетот Стоби.  

„Во подготовката на оваа изложба го вратив времето, се вратив на почетоците на фестивалот. Сфатив дека имам сработено преку 230 претстави. Оваа дигитална изложба опфаќа претстави што сум ги работел само на фестивалот, а тоа се околу 80. Во еден дел се претстави работени од 2012 до лани, а во филмот е периодот од 1993 до 2012“, рече Стефков. 

П. ПЕЧКОВ