Пеп Гвардиола изјави дека Манчестер сити ќе му биде последната тренерска работа во клуб, по што можеби ќе биде селектор на некоја репрезентација. Бившиот тренер на Барселона и Баерн освои 15 трофеи откако го презеде Сити во 2016, а неодамна го продолжи договорот до 2027.
Гвардиола не навести кога би можел да го напушти Манчестер сити, но кажа дека потоа нема да се врати во клупскиот фудбал, како во Англија, така и во друга држава.
„Нема да водам друг клуб. Не зборам за долгорочна иднина, но она што нема да го направам е да го напуштам Манчестер сити, да одам во друга земја и да го правам истото како сега. Не би имал енергија. Можеби репрезентација, но тоа е поинаку. Сакам да го оставам тоа и да одам да играм голф“, кажа Гвардиола во разговор со готвачот Дани Гарсија на Јутјуб.
Сити забележа само една победа откако Гвардиола го продолжи договорот и има осум бода помалку од лидерот во Премиерлигата, Ливерпул.
(Фото: АП)