НИ ВО ВАШИНГТОН НЕ БЕВ ВОЗБУДЕН КАКО КОГА НАСТАПУВАМ ВО БИТОЛА, РЕЧЕ ИСМАИЛ ЛУМАНОВСКИ ЗА КОНЦЕРТОТ „БОИТЕ НА МАКЕДОНИЈА“

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва на платото пред Офицерскиот дом-КИЦ Битола со почеток во 21 часот музичка премиера ќе има проектот „Colors of Macedonia“ (Боите на Македонија), концерт на кој настапуваат македонски музички ѕвезди кои творат низ целиот свет, а најголем дел од нив се со потекло од Битола.

Иницијативата е на битолчаните Оливер Јосифовски, етаблиран контрабасист и композитор и основач на бендот „Љубојна“ и Исмаил Лумановски, виртуоз на кларинет кој живее во САД. Настапуваат и Алек Секуловски – иноватор, професор и специјалист по тапани кој живее и работи во Торонто, Давор Јордановски – композитор и клавијатурист кој исто така живее и работи низ целиот свет, Александар Петров – перкусионист кој настапува моментално во Дубаи, Филип Динев – гитарист кој живее и работи во Хамбург и многу други музичари на чело со Вера Милошевска од „Љубојна“.

Настапив во Вашингтон за 75-годишнината на НАТО и ја претставував Македонија. Бев еден од солистите, а музичари имаше од 32 држави. Ни во Вашингтон не бев толку возбуден како што сум за вечерашниот концерт. Во Битола доаѓам најмалку еднаш годишно. Кога и да настапувам тука сум највозбуден. Оваа возбуда ја немам никаде на друго место, а имам настапувано во Кореја, Австралија, Бразил, Еквадор, Кина, Европа“, рече Лумановски.

На концертот ќе бидат отсвирени досега необјавени композиции создадени специјално за оваа пригода.

Можеме да бидеме во Њујорк, на Антарктик, на разни страни од светот, тоа е сликата на една современа Македонија, но тоа се луѓе кои ја носат и пласираат музичката мисла. Тоа значи боите на Македонија“, рече Јосифовски.

Тој додаде дека тргнуваат од Битола зашто некои од композициите се врзани токму со неа.

Има една што се вика ‘60.000 јајца’ и е напишана за Саат-кулата. Се смета дека толку биле вградени во малтерот за Саатот. Битола е градиште од каде што излегуваат многу приказни, многу оригинални личности, но и многу музичари. Во Скопје викаат Битола нема аеродром, но велам има екстра музичари. Овој проект е подарок од нас за нашата преубава средина“, додаде Јосифовски.

Концертот е во организација на КИЦ Битола, со поддршка на Општината и Битфест.

Ние сме одбранбена линија на културата. Ние сме промотори на музичката култура во време на наплив на хиперестрада и шунд. Мора да останеме на линијата на културата дури и кога комерцијалниот притисок е огромен“, рече Тоше Ивановски од КИЦ Битола..

Ж. ЗДРАВКОВСКА

Фото: С, Ставрев