Американската пејачка Ники Минаж им се заблагодари на фановите за поддршката откако доцна синоќа пристигна во Манчестер по апсењето на аеродромот во Амстердам, каде што граничните служби ѝ пронашле лесни дроги. Поради овој инцидент, нејзиниот концерт во Манчестер беше откажан во последен момент, додека 20.000 фанови ја чекаа во салата.
Минаж била ослободена откако платила казна од 350 евра.
„Само што пристигнав во Манчестер откако ме држеа во затвор пет-шест часа. Имам чувство дека намерата на апсењето беше да ме задржат доволно долго за да не можам да стигнам на мојот настап“, напиша Минаж на Икс.
Според неа, промоторите се согласиле да го поместат почетокот на концертот, но ниту така не успеала да стигне навреме.
„Тие успеаја во својот план да не ми дозволат да настапам. Но, успеав сѐ да снимам и да објавам во реално време, така што имам доволно видео докази“, кажа Минаж, откривајќи дека дрогата што ѝ била пронајдена е марихуана.
Минаж го снимаше разговорот со полицијата и видеото го објави на Икс. На видеото се слуша како Минаж ги прашува полицајците зошто е уапсена и вели дека ѝ е потребен адвокат бидејќи не знае каде ја водат. Полицаецот ѝ одговара дека мора да оди во полициска станица бидејќи во нејзиниот багаж е најдена дрога.
Минаж им се извини на фановите за откажаниот концерт и кажа дека за случајот ќе се погрижат нејзините адвокати и господ.
(Фото: АП)