НИКОГАШ НЕ МИСЛЕВ ДЕКА ЌЕ ГО ДОЖИВЕАМ 50. РОДЕНДЕН, ПРИЗНА НАОМИ КЕМБЕЛ

Лондон, (Вог)

Наоми Кембел се заблагодари на сите „неверојатни луѓе“ во нејзиниот живот кои ја поддржувале во добрите и лошите моменти, откако го прослави 50. роденден.

Легендарната англиска манекенка објави фотографија на Инстаграм на која што седи на софа окружена со раскошни букети цвеќиња и призна дека никогаш не мислела дека ќе го доживее овој животен јубилеј.

„Многу сум благодарна што имав неверојатни луѓе во мојот живот и за сите 50 години на оваа прекрасна планета. Да бидам искрена, никогаш не мислев дека ќе стигнам до тука. Затоа сум им бескрајно благодарна на сите кои останаа покрај мене без разлика на околностите, во сите подеми и падови и кои ме одржаа во живот“, напиша Кембел.

Таа алудираше на својата долгогодишна борба со зависноста од дрога и алкохол, за што во минатото често отворено зборуваше.

„Моето патување досега беше неверојатно живописно и постојано се потсетувам себеси дека растам и учам секој ден“, вели Кембел.

Таа на 16 години се појави на насловната страница на британското списание „Ел“, што беше вовед во една од најголемите манекенски кариери на сите времиња.