НИКОЈ НЕ ПОСТИГНУВАШЕ ГОЛОВИ КАКО БОМБЕР – ФУДБАЛСКИОТ СВЕТ СЕ ПРОСТУВА ОД ГЕРД МИЛЕР

Минхен, (ДПА/Би-Би-Си)

Фудбалскиот свет се простува од Герд Милер, еден од најголемите голгетери во историјата, кој почина вчера на 75 години по неколкугодишна борба со Алцхајмерова болест. Баварскиот премиер Маркус Зедер ја опиша легендата на Баерн како најдобар германски напаѓач на сите времиња, а Карл-Хајнц Румениге го нарече гениј кој играше со срце и глава.

Неговиот начин на постигнување голови беше неповторлив. Тој беше голем зашто никогаш не сакаше да биде голем“, кажа актуелниот претседател на Баерн.

Ниеден германски напаѓач пред и после популарниот Бомбер не може да се рамни со него. Никој не постигна толку голови, што тој го правеше на речиси секој натпревар и на секаков начин: од свртување, со лева и со десна нога, со глава, дури и седнат на трева.

Милер го постигна победничкиот гол во финалето на СП 1974 (Фото: Гети)
  • Милер постигна 68 голови на 62 натпревари за Западна Германија, со која стана европски првак во 1972, а две години подоцна и светски.
  • За 15 години во Баерн даде 547 голови на 594 официјални средби.
  • Седум пати беше најдобар стрелец во Бундеслигата.
  • Во 1972 постигна 85 голови, рекорд што беше соборен од Лео Меси во 2012.
  • Неговиот рекорд од 40 голови во домашното првенство поставен во сезоната 1971/72 стоеше до мај годинава, кога го урна Роберт Левандовски.
  • Тој е најефикасниот фудбалер во историјата на Бундеслигата, со 365 голови на 427 натпревари.
Милер постигна 68 голови на 62 натпревари за Западна Германија (Фото: Гети)

Милер ја почнал кариерата во Нердлинген, постигнувајќи повеќе од еден гол на речиси секој натпревар во пониските лиги и му се придружи на Баерн во 1964 кога беше второлигаш. Неговите 33 гола во првата сезона му помогнаа на Баерн да влезе во елитниот ранг, а четири години подоцна почна владеењето на Баварците во германскиот фудбал, кое трае до денес. Од зелените терени се повлече во 1982 година по три сезони играње во САД.