Српските стрелачи Зорана Аруновиќ и Дамир Микец го освоија златото на 10 метри воздушен пиштол мешано на Олимпијадата во Париз, но нивниот ривал во финалето Јусуф Дикеч стана неочекувана интернет сензација поради својот ноншалантен стил на пукање.
Настапувајќи со една рака в џеб и без оптички уреди на себе, 51-годишниот Турчин се издвои од конкуренцијата. Најголем дел од олимписките стрелачи носат заштита за уши и специјализирани леќи за да го блокираат видот на едно око и да го намалат отсјајот, но на Дикеч, кој притоа носеше очила, ништо од тоа не му требаше и сепак оствари врвен резултат со својата колешка Севал Илајда Тархан.
Дикеч петти пат ја претставува Турција на олимпијадите, по оние во 2008, 2012, 2016 и 2020. Има и неколку титули од светските и европските првенства.
„Не ми треба посебна опрема. Јас сум природен стрелец“, кажа Дикеч за турските медиуми.