НОВОЗЕЛАНЃАНИТЕ НАГРНАА НА РАГБИ ПО УКИНУВАЊЕТО НА РЕСТРИКЦИИТЕ – 43.000 ГЛЕДАЧИ ВО ОКЛЕНД

Окленд, (АФП)

Гладни за професионален спорт, Новозеланѓаните нагрнаа на стадиони за да гледаат рагби откако владата оваа недела ги укина сите рестриктивни мерки, прогласувајќи се за земја без коронавирус.

Повеќе од 43.000 гледачи се собраа на мечот Окленд блуз-Велингтон харикејнс, што е најголема бројка во последните 15 години, додека 20.000 навивачи имаше на натпреварот во Данедин.

(Фото: АФП)

„Ми се насолзија очите кога видов полни трибини“, изјави капитенот на Окленд, Патрик Туипулоту.

Славеничко расположение беше забележливо на трибините откако нацијата излезе од строг карантин по речиси три месеци. Немаше маски, ни социјално дистанцирање и присутните слободно се гушкаа, навиваа, правеа селфија и пиеја пиво.