Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје ја претстави дигиталната колекција на поетот, есеист и политичар Анте Поповски, дел од отворениот ресурс Дигитална библиотека. Дигитализацијата е резултат на договорот за соработка со семејствотo на Поповски и со Здружението „Антево перо“. Тие на библиотеката ѝ отстапија книжен и некнижен материјал, дигитализиран од Атина Цветановска, која докторираше на творештвото на академикот.
Колекцијата беше дополнета со објекти за кои библиотеката доби дозвола за дигитализација, а процесот на заедничко работење се совпадна и со два големи јубилеја: 60 години од објавувањето на книгата „Непокор“ и 40 години од објавувањето на „Сина песна“.
„Создавањето дигитални отпечатоци и ваквиот начин на документирање се придонес кон зачувување на македонската историја и можност за идна континуирана афирмација на македонскиот јазик и култура, како кај нас, така и во странство. Среќни сме што во Градската библиотека препознавме сериозен партнер и сојузник кој работи во насока на зачувување на трајните вредности“, рече Жорж Поповски, син на Анте Поповски.