ОТКАКО ТРАМП НЕ ДОНЕСЕ МИЛЕНИК, ВО БЕЛАТА КУЌА СЕ ВСЕЛИЈА ПРВИТЕ КУЧИЊА НА САД, ЧЕМП И МЕЈЏОР

Вашингтон, (Би-Би-Си)

Првите кучиња на САД и официјално се вселија во Белата куќа, придружувајќи им се на Џо и Џил Бајден, кои ја обновија традицијата што ја прекина Доналд Трамп. Тој беше првиот претседател на САД во последните 100 години кој немал домашен миленик.

Со семејството Бајден, во Белата куќа дојдоа и германските овчари Чемп и Мејџор.

Мејџор е првото куче во Белата куќа кое било вдомено од засолниште

„Џо и Џил Бајден прво сакаа да се сместат во Белата куќа пред да ги донесат кучињата во Вашингтон од Делавер. Чемп си најде место покрај каминот, додека Мејџор ужива да трча по јужниот тревник“, изјави портпаролот на Џил Бајден.

Чемп е дел од семејството Бајден од декември 2008, додека Мејџор бил посвоен во ноември 2018. За него се вели дека е првото куче во Белата куќа кое било вдомено од засолниште за животни. Двете кучиња имаат и свои профили на социјалните мрежи.