ОВОЈ ДРЕС Е МОЈА КОЖА, КАЖА МУРИЊО НА ПРОМОЦИЈАТА ЗА НОВ ТРЕНЕР НА ФЕНЕРБАХЧЕ

Истанбул, (Би-Би-Си)

Жозе Мурињо им кажа на навивачите на Фенербахче дека „овој дрес е моја кожа“ откако беше претставен како нов тренер на славниот турски клуб. Илјадници луѓе дојдоа на стадионот „Шукру Сарачоглу“ во Истанбул за да ја проследат церемонијата на потпишување на договорот, што се одржа на специјално поставена бина на теренот. Детали од договорот не се објавени.

„Вообичаено тренерот го сакаат по победите. Во овој случај, имам чувство дека сум сакан уште пред победите. Тоа е голема одговорност. Ви ветувам дека отсега му припаѓам на вашето семејство. Овој дрес е моја кожа“, изјави Мурињо, кој првпат ќе работи во Турција.

Тој доаѓа на местото на Исмаил Картал, кој ја напушти клупата во петокот по освојувањето на второто место во првенството, иако изгуби само еден меч и освои 99 бодови. Мурињо беше без работа од јануари, кога си замина од Рома. Таму го освои 21. трофеј во 24-годишната тренерска кариера.

(Фото: ЕПА)