ПАТНИЦИ НИЗ ВРЕМЕТО ПОКАНЕТИ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА НА СТИВЕН ХОКИНГ

Лондон, (Ројтерс)

Семејството на Стивен Хокинг ги покани и патниците низ времето на неговата комеморација, што ќе се одржи во Вестминстерската црква на 15 јуни.

Секој што ќе сака да присуствува на службата, на којашто ќе се слави животот на генијалниот научник, треба да пополни апликација, при што таа е отворена и за оние кои се родени до 2038 година. Пријавувањето се затвора на 15 мај, при што се достапни најмногу илјада места.

„Професорот Хокинг еднаш организираше забава за патници низ времето, за да види дали некој од нив ќе се појави. Никој не дојде, но оваа служба е идеална можност за луѓето кои се родени во иднината да се појават. Барајте патници низ времето во црквата“, напиша лондонскиот блогер ЈанВизитс.

Оваа тема беше една од најголемите опсесии на Хокинг, кој почина во март на 76-годишна возраст.

„Дури и откако му пропадна забавата во 2009 година, Хокинг продолжи да се интересира за оваа тема. Тој беше љубопитен и имаше одлична смисла за хумор“, вели професорката по астрофизика, Сара Брајдл.