По десет години пауза, Црногорско народно позориште (ЦНП) доаѓа во Скопје на 17 март со претставата „Господа Глембаеви“, во режија на Данило Маруновиќ, по текст на Мирослав Крлежа. Претставата ќе се игра во Македонскиот народен театар (МНТ).
Во претставата играат Светозар Цветковиќ, Кристина Обрадовиќ, Мишо Обрадовиќ, Уна Лучиќ, Данило Челебиќ, Павле Прелевиќ, Емир Ќатовиќ, Стеван Вуковиќ, Кристина Мркиќ и Предраг Павиќевиќ.
„Првпат ја прочитав драмата на Крлежа како средношколец и се заљубив во неа. Повеќе од една деценија барав можност да ја поставам ‘Господа Глембаеви’ и кога дојде таа шанса, дури тогаш сфатив колку е присутна одговорноста Крлежа да го реализираш во дешифриран код на сегашноста, а да не отидеш предалеку од него“, вели режисерот.
Драматург е Божо Копривица, а адаптацијата на Бојана Мијовиќ и Данило Маруновиќ. Сценограф е Валентин Светозарев од Македонија, а костимограф е Вања Цирај-Џуџа.
„Господа Глембаеви“ на ЦНП премиерно беше изведена на 17 декември 2024.
Билетите се пуштени во продажба на билетарницата во МНТ и онлајн.