Уметникот Синиша Кашавелски се врати во Македонија по десетгодишно отсуство и работа во неколку држави. Tој се претстави во Велес со изложба која е избор од 10 негови дела, работени во масло на платно, насловена „Воодушевувачки впечатоци: Колекција Енигма“. Претходно беше поставена во неговото родно Куманово, па во Кавадарци.
На сите изложени дела се јавува ликот на девојка, за која авторот објасни дека е неговата ќерка, која му била модел низ годините. Таа денес е дипломирана сликарка, а синот на Кашавелски е дипломиран вајар.
„Ова е сублимат, мала ретроспектива на работата од последните десет години. Во овој период бев ориентиран на изложби и претставување во странство. Изложбата е навраќање на домашната публика. На сликите е развојот на ќерка ми низ годините, растењето, бунтовноста, тинејџерските години, па кога станува возрасна“, кажа Кашавелски.
Тој изложувал во галерии кои се меѓу најпрестижните во светот. Бил студент на генерацијата на Факулетот за ликовни уметности во Скопје.
„Иако делата се доближуваат до фотографскиот реализам со перфекцијата на нивната изработка, во нив се пресекуваат надреализмот и македонската традиција. Тоа е пребогата културна и духовна ризница која постојано го инспирира да ја промовира низ светот преку своите дела“, кажа промоторката Елица Николова, историчарка на уметноста од Народен музеј Велес.
Изложбата ќе продолжи и во други градови низ земјава.
П. ПЕЧКОВ