ПО ПРЕМИЕРАТА НА ОХРИДСКО ЛЕТО, „РАЦИН“ ОД ДЕНЕСКА ИГРА НА МАТИЧНАТА СЦЕНА ВО ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва (16 октомври) на сцената на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ за првпат ќе биде изведена претставата „Рацин“, која имаше премиера на годинашното Охридско лето. Режисер е Дејан Пројковски, а драматург е Сашо Димоски.

„За мене најголемиот предизвик беше да се транспонира поезијата во драма, бидејќи поетскиот дискурс сам не е наменет за сценска изведба. Предизвик беше да се претвори во жива реплика, во говорна реч“, кажа Димоски.

Тој најави дека претставата открива и нуди работи за Рацин што досега не биле познати за публиката.

„Во претставата се обидовме да направиме демитологизација на Рацин, бидејќи неговиот лик е обвиткан со многу мистерии, со многу неразјаснети аспекти, од неговиот личен живот до неговото творештво. Се обидовме да го третираме Рацин како човек од крв и месо, затоа што многу од случките врзани за неговите живот и дело се производ на неговата судбина, на луѓето и времето во кое живееше“, рече актерот Васил Зафирчев.

Фото: Велешки театар

Од Велешки театар најавуваат дека претставата е ново, свежо и несекојдневно доживување и третирање на Кочо Рацин како човек и уметник, но во прв план беше неговата човечка димензија.

„Рацин е дел од нашата митологија, тој е дел од ДНК на секој од нас. Логички беше претставата за Рацин да ја создадеме токму во Велес“, кажа режисерот Пројковски.

Во претставата настапуваат Васил Зафирчев, Исидор Јованоски, Кети Борисовска, Весна Бобевски, Јордан Витанов, Слободанка Чичевска, Талија Настова, Благојчо Стојанов, Славица Манаскова, Орхидеја Дукова, Кристина Зафирова, Илин Јовановски, Леонида Гулевска, Тодор Стојковски, Бранко Михајлоски и Илина Чонкова. Сценограф е Валентин Светозарев, костимографи се Раде Василев и Елена Вангеловска, композитор е Сашко Костов, кореографија и сценски движења се на Васил Зафирчев, а Сашко Костов и Орхидеја Дукова ја изведуваат музиката во живо.

П. ПЕЧКОВ

Фото: Велешки театар