ПОЧИНА ДЕН МЕКАФЕРТИ, ЕДЕН ОД ОСНОВАЧИТЕ И ПЕЈАЧ НА ХАРД РОК ГРУПАТА „НАЗАРЕТ“

Шкотска, (Би-Би-Си)

Ден Мекаферти, еден од основачите и долгогодишен пејач на шкотската хард рок група „Назарет“, почина на 76 години. Неговиот рапав вокал беше заштитен знак на групата речиси пет децении.

Тој беше член на групата до 2014, кога му беше дијагностицирано заболување на белите дробови, поради кое имаше проблеми со дишењето и беше принуден да се повлече.

Мекаферти беше меѓу основачите на „Назарет“ во 1968 година. Првите два албума не беа голем успех, но го привлекоа вниманието на „Дип Парпл“, кој ги поведе на американска турнеја. Тоа се покажа пресвртна точка за групата, откако басистот на „Дип Парпл“ Роџер Гловер ѝ го продуцираше третиот албум „Razamanaz“ и потоа продолжи да снима успешни албуми низ 1970-ите.

Иако не беше присутен на топ-листите во следните децении, „Назарет“ остана популарен концертен бенд, особено во Европа, а меѓу оние кои го истакнуваат како свое влијание е и „Ганс ен роузис“.

Мекаферти се повлече од настапите во живо во 2013, но следната година го сними 23. и последен албум со „Назарет“.

(Фото: Гети)