Лу Отенс, холандскиот инженер кој ја измисли аудиокасетата, почина на 94 години. Неговиот изум го трансформираше начинот на кој луѓето слушаат музика и им овозможи да ги снимаат своите омилени песни од радио.
Отенс станал шеф на одделот за развој на производи во „Филипс“ во 1960 година, каде што со неговиот тим ја развиле аудиокасетата. Таа првпат беше претставена на берлинскиот саем за радиоелектроника во 1963 година, каде што се рекламираше под слоганот „Помала од кутија цигари“ и веднаш постигна светски успех. Отенс кажа дека намерно ја дизајнирал касетата да биде мала за да може да ја собере во џеб од јакна.
Тој потоа постигнал договор со „Филипс“ и „Сони“, со кој го патентирал неговиот модел на касета. Се проценува дека оттогаш се продадени 100 милијарди касети.
„Таа стана сензација од прв ден“, изјави Отенс на 50-годишнината на неговиот изум.
Тој подоцна учествувал и во развојот на компакт дискот, а се пензионирал во 1986, четири години откако призна дека ЦД-плеери се иднината.
Во последните години повторно се зголемува интерес за касетите и голем број музички ѕвезди ги издаваат своите албуми и на овој носач на звук. Во првата половина на 2020, продажбата на касетите во Велика Британија пораснала за 103% во споредба со истиот период во 2019.