„ДИВА“ Е ПЕСНА СО ПОРАКА ЗА СЛОБОДА ШТО СЕ СЛУША ГЛАСНО, ВЕЛИ ТАМАРА ТОДЕВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Тамара Тодевска го објави „Дива“, третиот сингл од новиот албум „Кукла жива“. Ова е брза, динамична летна песна, која има став и порака за слобода, самодоверба и женска сила, вели Тамара Тодевска.

Додава дека главната порака на песната е да бидеш своја, без компромиси и без извинување за тоа што си.

Музиката и текстот се на Коста Петров и Тамара Тодевска, а продукцијата е на Џијан Емин. Спотот е во режија на Мартин Трајановски и е снимен во студиото „Такат“ како дел од визуелниот концепт на албумот „Кукла жива“, првиот визуелен албум создаден во Македонија.

Со „Дива“, Тодевска продолжува да го промовира албумот со 10 песни и 10 визуелни приказни, кои постепено ја водат публиката кон концертот на 3 октомври во арената „Борис Трајковски“.

„Сакав ‘Дива’ да биде песна што ќе ја пуштиш гласно, ќе ја пееш и ќе се чувствуваш слободно. Да те потсети дека можеш да бидеш своја, без страв, без срам, без вина“, вели Тодевска.

„Дива“ е достапна на сите музички платформи.

(Фото: М. Трајановски)