Продолжението на жестоката судска битка помеѓу Џони Деп и Амбер Хрд почнува денеска во Вирџинија.
Откако ја изгуби првата рунда во Велика Британија, 58-годишниот Деп ја тужи својата бивша сопруга за клевета и бара отштета од 50 милиони долари за текстот што таа го напиша за „Вашингтон пост“, во кој тврдеше дека е жртва на домашно насилство. Хрд во меѓувреме возврати со тужба од 100 милиони долари, што е во тек.
Судењето ќе се пренесува во живо, а меѓу 120 сведоци ќе се појават актерите Џејмс Франко, Елен Баркин и Пол Бетани и шефот на „Тесла“, Илон Маск, кој треба да сведочи во полза на својата бивша девојка.
Деп и Хрд ја почнаа врската во 2012 и се венчаа три години подоцна. Бракот пропадна по само 15 месеци. Хрд поднесе барање за развод и забрана за приближување, при што се појави во суд во Лос Анџелес со набиен образ. Тврдеше дека Деп насилно ја нападнал и ја погодил со мобилен телефон во лицето.
Сепак, неколку часа пред почетокот на судењето, Деп и Хрд соопштија дека го решиле спорот, а тој за разводот ѝ даде седум милиони долари, што требаше да бидат донирани.
Во декември 2018, „Вашингтон пост“ објави колумна од Хрд, во која таа се опиша себеси како „јавна личност која искусила домашно насилство“, без притоа да наведе имиња. И покрај тоа, Деп тврдеше дека колумната му ја упропастила кариерата и непоправливо му го нарушила угледот, за што поднесе тужба во 2019.
Се очекува судењето да трае повеќе од еден месец.