ЏЕЗ СЦЕНАТА ЌЕ МУ ОДДАДЕ ПОЧИТ НА ТРУБАЧОТ АЛЕКСАНДАР НИКОЛОВСКИ СО КОНЦЕРТ ВО МКЦ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Дел од домашната џез сцена и други музичари ќе се соберат на 28 април во Младински културен џентар во Скопје, на концерт посветен на Александар Николовски. Еден од најценетите македонски џез трубачи, кој почина по кратко боледување во декември, долги години свиреше со групата „Некст ту сајленс“, која е и организатор на настанот.

Покрај неговата матична група, на концертот ќе настапат и други музичари со кои Николовски соработуваше и создаваше џез музика, при што се најавени „Сетстет“, „ФИН проџект“, Ади Имери, Сашо Гигов-Гиш, Калина Велковска, Петар Христовски и Горан Трајковски.

„Александар Николовски беше составен дел од нашите музички животи и во негова чест ќе одржиме концерт. Тој остави значаен белег во македонската џез музика и би сакале да му се заблагодариме и да го поздравиме на соодветен начин“, објави „Некст ту сајленс“ на Фејсбук.