ПОЕТСКИ СЛЕМ НАТПРЕВАР ВО ПРИЛЕП ОД 10 ДО 13 ОКТОМВРИ, ПРИЈАВЕНИ СЕ 24 АВТОРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Националниот „Поетски слем Македонија“ по 14. пат се одржува во Прилеп и ќе трае од 10 до 13 октомври.

Литературната манифестација е во организација на Театарска работилница Прилеп, а ќе се отвори во 18:30 часот со изложбата на мултимедијалниот уметник Владимир Лукаш, „Hello Deadline, my old friend, I’ve come to talk with you again“, во НУЦК „Марко Цепенков“.

За годинашниот поетски натпревар пријавени се 24 автори од повеќе градови, кои утре (11 октомври), со почеток во 18 часот, ќе дефилираат низ центарот на Прилеп и ќе рецитираат поезија на повеќе локации. Дефилето ќе заврши во клубот „Таверна“, каде што од 19 часот ќе се одржат две промоции на поетски книги: „Јазик за двајца“ од Пијан Славеј (Бранислав Николов) и „Модра мрежа“ од Марина Шокева. Официјалниот слем-натпревар ќе се одржи во киното „Мис Стон“ со почеток во 20:30 часот.

Третиот фестивалски ден ќе се промовираат книгите „Сега ти стануваш јас“ од Долорес Атанасова-Лори и „Додека спиеш“ на Биљана Стојановска.

Специјална гостинка на фестивалот е Шенон Саливан од Берлин, која ќе одржи музичко-поетски перформанс во киното „Мис Стон“.

Годинашниот победник на поетскиот натпревар ќе ја претставува Македонија на Европското слем првенство.