ПОЛОВИНА ТВОРЕШТВО НА МАРКЕС ДОСТАПНО ОНЛАЈН

Тексас, (Дојче веле)

Половина од архивата на нобеловецот Габриел Гарсија Маркес, кој почина во 2014 година, е објавена на интернет за бесплатна јавна употреба од страна на Универзитетот во Тексас. Овој потег е невообичаен, со оглед на тоа што творештвото на Маркес сѐ уште не е заштитено со авторски права.

Центарот „Хери Рансом “ соопшти дека планира да ги направи достапни онлајн сите 27.000 страници со ракописи, фотографии, писма и списанија, на англиски и на шпански јазик.

„Ние сме благодарни на семејството на Габо за отклучување на неговата архива, бидејќи вака им правиме услуга за неговите читатели насекаде”, изјави Стив Енис, директорот на Центарот, користејќи популарен прекар за Маркес.

Опишан од претседателот Хуан Мануел Сантос како “најголем Колумбиец кој некогаш живеел”, Маркес постигна меѓународна слава уште за животот, благодарение на своето мајсторско владеење со магичниот реализам, особено во прочуените романи „100 години самотија“ и „Љубов во време на колера“.

Маркес ја започна својата писателска кариера како новинар и не се плашеше да ги осудува колумбиските и странските политичари.

По патувањето во САД во 50-ите , тој се пресели во Мексико Сити. Три децении имаше забрана за влез во САД, наводно, поради неговите врски со колумбиската комунистичка партија. Иронично, но Маркес е омилен писател на поранешниот американски претседател Бил Клинтон, кој го нарекуваше “најважниот писател на фикција на кој било јазик по смртта на Вилијам Фокнер”.