Вечерва (13 јуни) во 20 часот во Центарот за култура „Ацо Шопов“ – Театар Штип, премиерно ќе се изведе кабаре претставата „Синдром Нора“, во режија на Наташа Поплавска. Претставата е работена по текст на Весна Куслеска, по мотиви на „Нора” од Хенрик Ибзен.
„’Синдром Нора’ не е само приказна за Нора. Ова е приказна за сите што некогаш живееле според туѓи очекувања, туѓи правила, туѓи стравови и туѓа претстава за среќа. Во ова терапевтско кабаре, ликовите од ‘Нора’ на Хенрик Ибзен излегуваат од своите улоги и се соочуваат со она што долго го премолчувале. Оваа претстава зборува за наследениот срам, за саможртвата, за љубовта што станува кафез, за децата што ги наследуваат тишините на своите родители“, стои во најавата за претставата.
Во претставата играат: Марија Минчева-Андонов, Кристина Атанасова-Арсова, Анѓелка Нашкова, Стефанија Митовска, Елена Шорова-Дербов, Миле Вратеовски, Никола Кузелов и Мирко Голомеов. Музичари се Горан Лазаревски и Симе Панев.
Т. ЈОВАНОВСКИ