Откако нејзиниот татко и официјално потврди дека нема да дојде на утрешната свадба, палатата Кенсингтон објави дека принцот Чарлс ќе ја испрати Меган Маркл до олтарот.
Томас Маркл, кој живее во Мексико, го откажал доаѓањето затоа што заздравува од операцијата на срцето, но тој претходно направи и мал скандал, кога се дозна дека му местел фотографии на еден папарацо.
„Принцот од Велс со големо задоволство на овој начин ќе ѝ посака на Меган Маркл добредојде во кралското семејство“, објави палатата.
Потврдено е дека на свадбата ќе присуствува и 96-годишниот дедо на Хари, принцот Филип, исто како и мајка ѝ на Меган, Дорија Регленд. Таа веќе се запознала со принцовите Чарлс и Вилијам, а подоцна, во друштвото на Меган и Хари, ќе се сретне и со кралицата Елизабета Втора.
Церемонијата почнува во 13 часот по македонско време и ќе се пренесува низ целиот свет.
„Томас Маркл е добро и заздравува од операцијата“, кажа новинарот на ТМЗ, Шон Мендел, кој зборувал со него.