ХАРИ И МЕГАН ЌЕ ГО ПРЕКИНАТ МОЛКОТ ВО ТВ-ИНТЕРВЈУТО ЗА ОПРА ВИНФРИ ВО МАРТ

Лондон, (Би-Би-Си)

Принцот Хари и Меган Маркл првпат јавно ќе зборуваат за нивната одлука да се повлечат од британското кралско семејство во ТВ-интервју со Опра Винфри, во емисија што ќе се емитува на 7 март. Американската водителка и продуцентка е блиска пријателка со Меган и беше гостинка на нивната свадба во 2018.

„Опра со Меган и Хари“ е насловена специјалната емисија на Си-Би-Ес што ќе се емитува во ударен термин, објави американската ТВ-мрежа, додавајќи дека тоа ќе биде интимен разговор. Веста следува откако кралската двојка во неделата објави дека го чека второто дете.

Според Си-Би-Ес, Меган ќе зборува за животот како член на кралското семејство, бракот, мајчинството и за тоа како се носи со силниот притисок на јавноста. Во студиото ќе ѝ се придружи Хари и заедно ќе говорат за одлуката да се преселат во САД и за идните планови.