Скопје утре ќе му оддава почит на својот сограѓанин Аки Рахимовски, пејачот на „Парни ваљак“, кој ненадејно почина во саботата на 66 години. Настанот на плоштад Македонија го организира радио „Бубамара“, со поддршка од „КЛС саунд“ и Град Скопје. Кај тревникот пред „Пелистер“ ќе биде отворена книга на жалост, во која што од 13 часот ќе можат да се запишат сите почитувачи и обожаватели на Рахимовски. Таму ќе можат да положат цвеќе и да запалат свеќа во негова чест.
Главниот собир се планира од 18 до 19:30 часот, кога хорови, пејачи и пријатели заеднички ќе отпеат некои од најголемите хитови на „Парни ваљак“.
„На плоштадот ќе ја слушнеме и песната ‘Ако згрешам, нека изгорам‘ на Пепи Бафтировски, која Аки во клавирска придружба ја сними пред пет години. Тоа е последната снимка што ја направил во Скопје“, велат од радио „Бубамара“.
Рахимовски е роден во Ниш во 1955, но пораснал во Скопје и тука почнал да го стекнува своето музичко образование. По доаѓањето во Загреб бил член на неколку групи, пред да го запознае гитаристот и композитор Хусеин Хасанефендиќ, со кого во 1975 ја основал групата „Парни ваљак“, која низ годините ќе стане една од најпопуларните во поранешна Југославија, а Рахимовски еден од најдобрите фронтмени. Погребот на Рахимовски е в четврток во Загреб.