АВСТРАЛИСКАТА ВЛАДА ГИ КУПИ ПРАВАТА ЗА АБОРИЏИНСКОТО ЗНАМЕ ЗА ДА МОЖЕ СИТЕ ДА ГО КОРИСТАТ

Мелбурн, (Би-Би-Си)

Австралиската влада ги откупи правата за абориџинското знаме со цел да стави крај на борбата околу тоа кој смее да го користи. Уметникот Харолд Томас го креирал знамето во 1971 како протестен симбол, за потоа да стане доминантен абориџински амблем и официјално национално знаме.

Сепак, бројни Абориџини сметаа дека знамето е заложник на авторски права, што го ограничува неговото користење. Знамето сега може да се репродуцира од сите без страв дека ќе бидат тужени.

„Во изминатите 50 години го присвоивме делото на Харолд Томас како наше, марширавме со него и гордо го истакнувавме. Сега кога владата ги откупи авторските права, тоа им припаѓа на сите и никој не може да ни го одземе“, изјави министерот за домородните Австралијци, Кен Вајат.

Владата платила 14 милиони долари за да ги откупи авторските права од Томас и да ги раскине договорите за закуп.

„Во иднина, знамето нема да биде симбол на борба, туку на гордост и единство“, кажа Томас.