АКТЕРКАТА САМАНТА МАТИС ПО 25 ГОДИНИ ПРВПАТ ПРОГОВОРИ ЗА СМРТТА НА РИВЕР ФЕНИКС

Лондон, (Гардијан)

На актерката Саманта Матис ѝ требаа 25 години и едно гледање на филмот „Работата наречена љубов“ за, конечно, да собере сили да проговори за смртта на своето тогашно момче Ривер Феникс.

„Златното“ момче на Холивуд почина во раните утрински часови на 31 октомври 1993 година од предозирање со хероин и кокаин, и тоа пред очите на Матис и неговите брат (Хоакин) и сестра (Реин).

Иако поминаа толку многу години, таа вели дека сѐ уште јасно се сеќава на кобната ноќ.

Ривер Феникс почина на 31 октомври 1993 година пред ноќен клуб во Лос Анџелес

„Ме замоли да останеме малку во клубот, затоа што свиреа некои луѓе кои сакале тој да свири со нив. Знаев дека нешто не беше во ред таа ноќ, но не сфатив што. Не видов како зема дроги, но беше ‘хај‘ на начин што ми правеше да се чувствувам непријатно. Четириесет и пет минути подоцна, тој беше мртов“, кажа Матис во интервјуто за „Гардијан“.

Феникс почина на 23 години пред ноќниот клуб „Вајпер рум“ во Лос Анџелес и Матис оттогаш никогаш не зборувала за неговата смрт, освен, како што кажа, со својот психијатар. Го смени мислењето откако неодамна првпат го гледала филмот „Работата наречена љубов“, што го снимија заедно непосредно пред неговата смрт.

„Тој беше чувствителна и опсесивна личност. Да беше со нас денес, тој уште ќе глумеше, режираше и ќе се грижеше за околината“, кажа Матис.

Тие се запознале во еден клуб во Лос Анџелес кога и двајцата имале 19 години, но врската ја почнале за време на снимањето на филмот.