Селин Дион ги откажа сите свои концерти, кажувајќи им на фановите дека не е доволно силна за да настапува, откако лани ѝ беше дијагностицирано ретко невролошко заболување. Педесет и петгодишната канадска пејачка страда од синдромот Стиф-Персон (СПС), кој се одразува и врз нејзиниот глас.
Таа сега кажа дека ги откажува сите планирани настапи за 2023 и 2024 година.
„Се извинувам што уште еднаш ќе ве разочарам. Иако ова ми го крши срцето, најдобро е да откажам сè додека не бидам подготвена да се вратам на сцената. Не се предавам и едвај чекам повторно да ве видам“, напиша Дион на Твитер.
Во декември минатата година, таа објави емотивно видео во кое откри дека ѝ бил дијагностициран СПС, поради што нема да може да ја почне европската турнеја во февруари. Дион кажа дека овој синдром предизвикува грчење на мускули поради што не е во можност да ги користи гласните жици како порано.
СПС е ретко заболување кое сè уште не е добро разбрано. Повеќето лица со СПС често паѓаат, што доведува и до сериозни повреди.