ЧЕТВРТИОТ КОТОН БЛУЗ ФЕСТИВАЛ БЕШЕ ТРИУМФ ВО СЕКОЈ ПОГЛЕД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Најамбициозното издание на Котон блуз фестивал досега беше триумф во секој поглед.

Отпочнат на врвот на пандемијата на ковид-19 како редок знак на позитива во замреното скопско урбано живеење, фестивалот во својата четврта година прескокна неколку скалила и достигна ново ниво, излегувајќи од досегашните рамки на интимност и самонаметната скромност. Нова, поголема и, згора на тоа, полна сала (МКЦ), сценски дизајн и дополнителни содржини (перформанс на сликање во живо и предавање за рачна изработка на гитари) придонесоа Котон блуз фестивал да прерасне во нешто повеќе од настан заснован само на ентузијазмот.

Во музичкиот дел, несомнена ѕвезда на двете вечери на четвртиот КБФ беше американскиот пејач Мад Морганфилд. Најавуван како најстариот син на легендарниот Мади Вотерс, 68-годишниот Морганфилд со појавата и гласот беше како отелотворение на блузот.

Голем плус за фестивалот е што одвојува значаен простор и за домашните музичари, па оваа година можеа да се слушнат Мухамед Ибрахими, Ади Имери и „Троја“ со специјалниот гостин Гуру Харе, а Морганфилд толку го испофали својот придружен бенд, што кажа дека би свирел со него секаде низ светот.

Со нетрпение ќе чекаме да видиме како „Блуз фамилија“ ќе го надмине ова следната година.

Г. КОНЕВ

(Фото: Фејсбук / З. Петровски)