Селин Дион имаше спектакуларен камбек на музичката сцена откако нејзиниот краток, но моќен настап беше финале на четиричасовната церемонија на отворањето на Олимписките игри во Париз.
По неколку дена шпекулации дали ќе пее во Париз, дали тоа ќе биде соло или во дует со Леди Гага, 56-годишната Дион се појави на Ајфеловата кула по палењето на олимпискиот оган и видно емотивна го отпеа класикот на Едит Пјаф, „Химна на љубовта“ (L’Hymne à l’Amour). Тоа беше нејзиниот прв настап откако во 2022 ѝ беше дијагностицирано реткото невролошко нарушување синдром на вкочанетост, кое ѝ се одразува и врз гласот. Последниот концерт воопшто го имаше во март 2020.
Дион беше придружувана од пијанист на првото ниво на кулата, на височина од 57 метри, покажувајќи охрабрувачки знаци дека третманот на болеста дава резултати. Таа во јуни изјави дека прима терапија за да го обнови својот глас.
„Селин е канадска икона и надмина многу за да биде вечерва во Париз. Селин, убаво е што те видовме повторно како пееш“, изјави канадскиот премиер Џастин Трудо.
Иако Канаѓанка, Дион ужива голема популарност во Франција. Нејзиниот албум „D’eux“ од 1995 е најпродаваниот албум на француски јазик на сите времиња.
(Фото: АП)