ШЕФОТ НА „АМАЗОН“ СЕ ЗБОГАТИЛ ЗА 24 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ВО ПАНДЕМИЈАТА

Њујорк, (Би-Би-Си)

Основачот и шеф на „Амазон“, Џеф Безос, додаде дополнителни 24 милијарди долари на своето богатство, откако порастот на онлајн купувањето во пандемијата на коронавирусот ја покачи вредноста на акциите на компанијата.

Според индексот на милијардери на „Блумберг“, Безос сега „тежи“ 138 милијарди долари, со што само го зацврсти својот статус на најбогат човек на светот.

„Амазон“ е една од компаниите кои на големо профитираа од тоа што луѓето мора да седат дома во ова време. Фирмата ангажираше илјадници нови работници за да може да одговори на зголемениот обем на нарачки.

Безос поседува 11% од акциите на „Амазон“, чија вредност пораснала за 5,3%. Тој го почнал бизнисот во 1995 година со влог од само 100.000 долари.