ШКОТЛАНЃАНКА ГО ОБИКОЛИ СВЕТОТ СО ВЕЛОСИПЕД ЗА РЕКОРДНИ 125 ДЕНА

Берлин, (ДПА)

Шкотланѓанката Џени Грем се врати во Берлин вчеравечер, 125 дена откако тргна на пат околу светот со велосипед, постигнувајќи нов светски рекорд, објави британската амбасада во Германија.

Триесет и осумгодишната Грем си обезбеди место во Гинисовата книга на рекорди, откако го собори претходното најдобро постигнување на Италијанката Паола Џаноти од 144 дена.

„Беше тешко на моменти, но севкупно, чувството е неверојатно. Една и пол година живеев само за ова. Ова покажува дека ние жените сме поспособни отколку што мислиме“, кажа Грем.

Таа беше пречекана со шампањско на Паризер плац од семејството, вклучувајќи го и 20-годишниот син и од пријатели. Грем тргна на својата авантура од истото место на 16 јуни. Во просек, возеше 15 часа дневно, односно по 250 километри.

На своето соло патување низ светот, Грем извозе повеќе од 29.000 километри, поминувајќи низ 16 држави на четири континенти, што не ги вклучува четирите авионски лета и еден трансфер со брод.