ШОН КОНЕРИ НАПОЛНИ 90 ГОДИНИ – УЛТИМАТИВНИОТ ЏЕЈМС БОНД ДЕНЕС ЖИВЕЕ ПОВЛЕЧЕНО ОД ХОЛИВУД И ЈАВНОСТА

Единбург, (Гардијан)

Од моментот кога, седнат на коцкарска маса, тивко изговори „Бонд, Џејмс Бонд“, Шон Конери стана меѓународна ѕвезда и влезе во легендите.

Конери денеска полни 90 години и живее повлечено откако се пензионираше од глумата, но за бројните генерации тој останува поим за идеален Шкотланѓанец и елегантна мажественост.

Конери во сцена од „Голдфингер“, еден од неговите седум филмови за Џејмс Бонд (Фото: Гети)

Роден во работничко семејство во Единбург, Конери стана Џејмс Бонд во 1962 година по неколку помали улоги во британски филмови. Пред тоа бил во кралската морнарица, работел како млекар и бил посветен бодибилдер и сосема солиден фудбалер.

Конери на тенискиот турнир Ју-Ес опен во Њујорк во 2015 (Фото: Ројтерс)

Тој сними седум филмови за Џејмс Бонд, кои го направија секс симбол и потоа му требаше долго време да излезе од сенката на овој лик. Во 1988 година освои Оскар за најдобра споредна улога во „Недопирливите“ и истовремено се здоби со нова генерација фанови благодарение на серијалот „Индијана Џонс“. Тој одби да се појави во четвртиот дел, велејќи дека премногу ужива во пензијата.

Последниот филм го сними во 2003 година, а од јавниот живот целосно се повлече во 2011.