ШПАНИЈА ЈА ОБВИНИ ШАКИРА ЗА ЗАТАЈУВАЊЕ ДАНОК ОД 14,5 МИЛИОНИ ЕВРА

Барселона, (Би-Би-Си)

Шпанските власти ја обвинија поп ѕвездата Шакира за даночно затајување од повеќе од 14,5 милиони евра.

Тоа се однесува на периодот од 2012 до 2014 година, кога, како што велат обвинителите, таа живеела во Шпанија, иако имала наведено друго место за своја официјална резиденција.

Според шпанските закони, оние кои поминуваат во земјата повеќе од шест месеци годишно се сметаат за даночни обврзници.

Извори блиски до Шакира велат дека таа тврди дека во тој период живеела надвор од Шпанија. Од друга страна, обвинителите тврдат дека таа со својот партнер, фудбалерот на Барселона Жерард Пике, го поминала поголемиот дел од овој период во земјата, патувајќи надвор само за професионални ангажмани.

Шакира, чие богатство се проценува на 200 милиони долари, во 2015 година ја пријавила Шпанија како место на постојано живеење.

Изминативе години, и некои од најголемите спортски ѕвезди во земјата имаа проблеми со даночните власти, при што Лео Меси и Кристијано Роналдо се нагодија со судот за голема сума пари.