СИ НАЈДОВ ЗАМЕНА, РЕЧЕ ТИНА ТАРНЕР ПО ПРЕМИЕРАТА НА МЈУЗИКЛОТ „ТИНА“

Лондон, (АП)

Британските театарски критичари со највисоки оценки го пофалија новиот мјузикл за животот на Тина Тарнер, кој исто така има и одобрение од самата ѕвезда.

Тарнер (78 години) беше во публиката на премиерата на „Тина” во лондонскиот театар „Алдвич“.

На крајот од шоуто, таа рекла дека си нашла замена во Адриен Ворен, која ја игра славната пејачка.

Адриен Ворен по изведбата на Тина Тарнер, доби оценка дека е новата ѕвезда на лондонската сцена (Фото: Би-Би-Си)

„Па, пред сè, тешко е да се види некој друг да го прави она што го правевме 40 години. Јас сум перфекционист, па затоа малку критички гледам на тоа“, изјави легендарната пејачка за „Би-Би-Си“, додавајќи: „Но, кога гледам и гледам дека тоа е добро, чувствувам гордост и се чувствувам како да испраќам некого на сцената, некој што ќе направи добра работа и ќе ме направи горда“.

Ворен изјавила дека добила голема помош, поддршка и совети од ѕвездата, за време на целиот процес, и дека е горда што е на сцената, благодарение на Тина.

Сцени од мјузиклот „Тина“, во кој се прикажани детството во Тенеси, па се до пробивот во 80-тите години (Фото: Би-Би-Си)

Во претставата, работена според сценариото на американската драмска писателка Катори Хол, е прикажано детството на Тарнер во Тенеси, кариерата покрај насилниот сопруг Ајк Тарнер и нејзиниот соло пробив во 80 -тите години.

Критичарот на „Гардијан“ го нарече шоуто „прослава на триумфот над неволјите“, и оцени дека актерката Адриен Ворен ја оставила публиката без здив.

„Индипендент“ и „Дејли мејл” оценија дека Ворен е новата ѕвезда на лондонската сцена и дека нејзината боја на глас совршено одговара на гласот на Тарнер.

Мјузиклот е во режија на Филајда Лојд, која беше дел од тимот за лондонската постава на мјузиклот „Мама миа“.