ПИЈАНО ЅВЕЗДАТА ВАЛЕНТИНА ЛИСИЦА ВЕЧЕРВА СО ФИЛХАРМОНИЈАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Валентина Лисица, позната како првата „Јутјуб“ ѕвезда на класичната музика, вечерва (20 часот) ќе настапи со Македонската филхармонија, на концертот насловен „Атрактивната Лисица“.

Лисица, која е родена во Украина, но имигрирала во САД, во Скопје ќе го изведе прочуениот Концерт за пијано и оркестар бр. 2 од Сергеј Рахмањинов.

Диригент е Габриел Бебешелеа од Романија, а филхармоничарите ќе ја изведат и импресивната свита „Слики од изложба“ од Модест Мусоргски.

Лисица своето музичко образование го започнала во родниот Киев во Музичкото училиште за високоталентирани деца „Лисенко“, а го продолжила на тамошниот Конзерваториум.

Иако сонувала за кариера како професионален шахист, сепак се одлучила пијаното да биде дел од нејзиниот живот.

По имиграцијата во САД, заедно со нејзиниот сопруг почнале да настапуваат како пијано дуо, и тоа резултирало со неколку успеси на пијано- натпревари и со бројни концертни ангажмани.

Нејзините неконвенционални настапи потоа се покажале како мошне впечатливи за публиката, а особено нејзините снимки на интернет кои достигнале милионска гледаност.

Нејзините концерти се распродаваат со месеци однапред, а така беше и со нејзиниот настап во „Аудиторио национал“ во Мадрид, каде што заедно со Шпанскиот национален оркестар ги отсвири, во една вечер, сите концерти за пијано и „Рапсодија на тема на Паганини“ од Рахмањинов.

По спектакуларниот настап во „Ројал Алберт хол“ пред 8.000 посетители, во 2012 година, Лисица потпиша ексклузивен договор за издавачката куќа „Дека“.