Легендарниот стадион „Маракана“ ќе биде преименуван во чест на еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Пеле. Ова следува откако властите на Рио де Жанеиро се согласија новото име на стадионот да биде „Едсон Арантес до Нашименто – Реи Пеле“.
Првото е полното име на 80-годишниот Пеле, а реи на португалски значи крал.
Пеле, единствениот фудбалер кој трипати бил светски првак, го постигна својот 1.000. гол токму на овој стадион во 1969 година, играјќи за Сантос против Васко да Гама.
„Маракана“ беше домаќин на финалето на светските првенства во 1950 и 2014, како и на церемонијата на отворањето на Олимписките игри во Рио во 2016. Официјално, стадионот досега го носеше името на новинарот Марио Филјо, кој лобирал за негова изградба во 1940-ите, но на светот му е познат како „Маракана“, според областа во која што се наоѓа.